Насловна Вести Дванаесетта дебата од Зборно место: Новинарите да престанат да бидат топовско месо

Дванаесетта дебата од Зборно место: Новинарите да престанат да бидат топовско месо

Проблемите, поделбата и нискиот професионален стандард во новинарството, но и предизвиците за нивно решение беа повод за дванаесеттата дебата од циклусот Зборно место насловена како „Иднината на македонското новинраство“, која се одржа на 16-ти декември. Разговорот го водеше Бранко Героски од ГЕМ со неговиот гостин, неодамна избраниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани.

Прв дел

Втор дел


Во воведот, Героски нагласи дека во неговата долгогодишна кариера, досега не се случило да се организира широка и масовна дебата која барем ќе поттикне на промени во новинарството, што според него беше случај и со оваа дебата, алудирајќи на објективно малиот одзив на присутни гости.

Запрашан за актуелните случувања помеѓу одредени медиуми и новинари и што тој како претседател на ЗНМ ќе преземе за надминување на таквите негативни појави, Селмани најави дека ќе оствари контакти со претставници на сите медиуми, но и на најголемите политички партии, со цел да дојде до обединување на новинарската фела. „Вчера имав средба со претставници на владеачката партија, на која ми беше кажано дека во блиска иднина ќе бидат повлечени сите напади врз одредени медиуми и новинари. Утре ќе се сретнам со луѓе од најголемата опозициска партија, и верувам дека и тие ќе имаат сличен став. Од понеделник пак, ќе ги посетам сите медиуми, со цел да им укажам да престанат со навредите и препукувањата, да престанат да бидат топовско месо на политичките партии. Наместо етикетирање да се обидеме преку аргументирана дебата да ги надминеме несогласувањата“, нагласи Селмани.

На ова се спротивстави Героски со аргументот дека ова е држава во која власта врши репресија врз медиумите, а новинарството е преполно со „пропагандисти на привремена работа како новинари“. „Мал број луѓе, со години, од позиција на моќ, малтретираат новинари. Им се закануваат, ги влечат по судови. Нема обединување на луѓе кои мислат како мене со оние кои бараат наша физичка ликвидација“, возврати Героски.

Понатаму, осврнувајќи се на заштитата на новинарите, Селмани порача дека гласот на ЗНМ ќе се слушне секој пат кога кој било ќе крене рака врз независносто новинарство. Што се однесува до зачестените тужби на новинари, но и реално лошо донесените судски одлуки против новинари, Селмани го претстави својот предлог: „Мислам дека за почеток во знак на добра волја сите новинари треба да се откажат од тужбите против други новинари, а потоа заедно од властите да побараме законски измени“.

Во вториот дел следуваше активно учество на публиката која со своите коментари и забелешки придонесе за поопфатна и подлабока дискусија. Роберто Беличанец порача дека нема ЗНМ нема да постигне напредок додека не расчисти кои се професионални новинари, а кои пропагандисти, правејќи паралела со поделбите на новинарите пред 15-тина години во Србија. На ова се надоврза и Лилјана Јаковлевска, долгогодишен дописник од Белград, нагласувајќи дека ЗНМ треба да се зафати со вистинските проблеми во новинарството, за да спречи обидите за загрозување на слободата на изразување да преминат во насилство врз поедини новинари.
 

Најави