Насловна Вести Инцидент на трибината во Струга

Инцидент на трибината во Струга

In English: Struga debate incident

Вчера, во 17 часот, во Домот на културата во Струга, беше закажана трибина на нашата инцијатива Граѓани за европска Македонија. Дојдовме во Струга со добра волја и со искрена намера со стружани да поразговараме за европските перспективи на Македонија. Не пречекаа стотина граѓани од овој град, но и граѓани на Дебар и Охрид, кои дојдоа да учествуваат на трибината.

За жал, група од дваеесеттина присутни, дојдени со очигледна намера да го спречат нашиот дијалог со стружани и да предизвикаат инцидент, почнаа да се однесуваат насилно, брутално навредувајќи не и заканувајќи ни се дека од Струга жива глава нема да извлечеме. Да биде уште пострашно, инцидентот се закануваше да премине во вербална, а бездруго и физичка пресметка меѓу присутните. За атмосферата во која требаше да почне оваа трибина живо сведочат и видео-снимките што нашиот снимател успеа да ги сними, соочен со остри закани и притисоци.

Увидувајќи дека настанот може да прерасне во сериозен инцидент, каков што не му е потребен на градот каде што меѓуетничките тензии еруптираа во изминатите недели, решивме да ја откажеме трибината и да им се извиниме на добронамерните учесници. Во однесувањето на хулиганите лесно препознавме сценарио подготвено во партиско-полициски штабови нашата трибина да се престори во уште една кавга и крвав пир меѓу стружани.

За инцидентот веднаш го известивме градоначалникот на Струга, господинот Размиз Мерко. Во разговорот со него, изразивме длабоко разочарување што вакво нешто воопшто може да се случи во Струга, градот кој со децении беше домаќин на поети и на добронамерни луѓе. Господинот Мерко не извести дека градските власти добро ги знаат луѓето кои смислено се обидуваат да внесат немир. Ако навистина е така, очекуваме локалната власт и централната власт заеднички да ги пронајдат налогодавците и организаторите на овој инцидент, кој ја срамоти Струга.

Исто така, сакаме да нагласиме дека со вакви монтировки и нецивилизрано однесување, организирани од недобронамерни луѓе и мотивирани од политикантски причини, не се создава демократски амбиент пред претстојните избори, кои за Македонија се клучен тест за демократијата и за нејзиниот напредок кон Европа.

Жарко Трајаноски
Никола Гелевски
Мерсел Биљали
Бранко Героски
Роберто Беличанец
Владимир Милчин

 

Повеќе коментари и дискусии

ТВ А1 - Поради закани откажана трибина
Утрински весник -  Поради инцидент откажана трибина во Струга

Блогови:
Слобода или ништо - Кукавички напад врз Граѓаните за европска Македонија во Струга
Зомбификација © - Тажен ден за демократијата во Струга
Волан - “Соросоидите“ - нападнати во Струга ... трибината не е одржана - насилно е прекината ...
Развигор ;-) - Струга: Насилно прекината трибината на Граѓани за Европска Македонија

 

Најави