Насловна Вести „Зборно место“ во ГЕМ : Предоцна е за лустрација - нам ни треба отворање на историјата

„Зборно место“ во ГЕМ : Предоцна е за лустрација - нам ни треба отворање на историјата

Со втората дебата, на 7 октомври, насловена „Санитарна енигма (или Нашата лустрација 2)” продолжи циклусот јавни разговори „Зборно место“, во организација на иницијативата „Граѓани за европска Македонија“. И овој пат, фокус на разговорите беше лустрацијата во Македонија, но од еден поинаков, интимен агол.

Прв дел

Втор дел

koteska-1Гостинката, Јасна Котеска, според зборовите на водителот на дебатата Никола Гелевски, лустрацијата ја гледа и доживува од приватен, а не само теориски агол. Според Гелевски, Котеска е еден од ретките македонски теоретичари кои имаа свој одглас и надвор од државава. Јасна Котеска, книжевник и професор, успеа во јавноста да покрене вистинска политичка бура зборувајќи отворено за случајот на нејзиниот татко, писателот Јован Котески, за репресиите кои ги доживувал во време на комунистичкиот режим, за тешкотиите низ кои минувало нејзиното семејство за време на долгогодишниот систематски прогон.

Според Котеска, усвоениот концепт на лустрација во Македонија, каде јавноста нема директен контакт со досиејата, туку процесот оди преку комисија, покажува дека сме неспособни да се соочиме со минатото.

Од своето лично искуство, Котеска нагласи дека кај нас, на жртвите од комунизмот или на нивните наследници, нема кој да им помогне, да им понуди идеолошки алатки да се справат со траумата и болката. Како што и самата кажа, после пет години, таа не чувствува никаква катарза и олеснување. Исполитизираноста на процесот и непристапноста до досиејата прават само уште една фрустрација од нашето минато.

„Сметам дека за лустрација е предоцна“ рече Котеска, нагласувајќи дека успешните лустрации во источноевропскиот блок се направени во раните деведесетти години од минатиот век.

koteska-2За да може Македонија да се соочи со своето минато, за да може да се преземе некаква одговорност, според Котеска, потребно е да се направи конзервирање на досиејата. „Да ги замрзнеме досиејата такви какви што се, да оформиме некаква служба која најтехнократски ќе ги обработи и да ги отвориме за јавноста. Сите треба да имаат пристап до еден таков историски фонд, а не само единаесетчлена комисија“ рече Котеска. Според неа, процесот не смее да има политичка, туку историска позадина.

Котеска исто така нагласи дека лустрацијата треба да се ограничи на периодот од 1945 до ноември 1991, а не да опфаќа и подоцнежен период. Процесот треба да се однесува на претходниот режим, сега, во повеќепартискиот систем, можеме да користиме други расположиви начини за борба против злоупотребите на тајните служби.

На дебатата, на која присуствуваа 30-тина учесници, беше нагласено дека Законот за лустрација не може да функционира од повеќе причини, донесен е предоцна, а и не ја исклучува можноста нелустрирани лица се уште да се активни и да ги искривуваат фактите.

Дебатите „Зборно место“ на теми од општествено значење ќе се одржуваат секој четврток во ГЕМ клубот, додека секој вторник ќе има проекција на филмови кои, исто така, ќе третираат општествени и провокативни теми.
 

Најави