Народот е охрабрен во борбата против фараонската политика на Груевски
Прв дел
Втор дел
Власта води конфузна политика во спорот со Грција, а различните изјави на државниците пред македонската и меѓународната јавност само ја покажуваат желбата на власта Македонија никогаш да не влезе во ЕУ и НАТО. Ова се дел од заклучоците на трибината „Можеме ли во ЕУ и НАТО без компромис?“ во организација на иницијативата „Граѓани за европска Македонија“, одржана на 29-ти јуни во Куманово.
Осврнувајќи се на минатонеделниот опозициски митинг, Жарко Трајаноски порача дека опозицискиот фронт охрабрува и докажува дека македонската јавност станува сè погласна против неевропската политика на актуелната власт. За Мерсељ Билали, премиерот Груевски води фараонска политика, која ќе има далекосежни последици врз Република Македонија: „Груевски води фараонска политика. А таму каде што има фараони, постојат и пирамиди. Па така имаме пирамидална администрација во која работи околу 12 отсто од работоспособното население, а имаме и пирамидална економија која се заснова на нови долгови. Последните четири години нашиот надворешен долг е зголемен за една милијарда евра, а исто така, зголемен е и внатрешниот долг. Доколку се водеше одговорна политика, досега ќе бевме во НАТО, но токму оваа неодговорна политика нè донесе од земја-лидер до последна земја на Балканот“.
Сличен став има и Владимир Милчин, според кого владеачкиот режим често се однесува надреално, не гледајќи дека овде секој ден се живее сè полошо и сè поголем е бројот на оние кои ја напуштаат државата. Милчин смета дека Владата не сака да влезе во ЕУ, бидејќи не сака никаква надворешна контрола врз непродуктивното трошење пари. Со трибината во Куманово се затвори циклусот трибини „Можеме ли во ЕУ и НАТО без компромис?“, а според иницијаторите на ГЕМ, Владимир Милчин, Роберто Беличанец, Бранко Героски, Мерсељ Билали, Никола Гелевски и Жарко Трајаноски, трибините покажаа дека домашната јавност има потреба од јавна дебата, но и дека граѓанскиот отпор кон актуелната ненародна власт е сè поголем.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26