Насловна Вести Игнорирањето на насилството раѓа уште поголемо насилство!

Игнорирањето на насилството раѓа уште поголемо насилство!

English version: Ignoring the violence leads to more violence!

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА

Најостро го осудуваме силеџиското дивеење во Нерези од страна на навивачката толпа (дел од групата „Комити“) и непреземањето на соодветни мерки од страна на полицијата за спречување на насилството и за прекинување на спиралата на насилството.

За жал, уште еднаш се потврди констатацијата на Граѓаните за Европска Македонија дека Македонија стана силеџиска држава. Полицијата повторно не го спречи дивеењето на силеџиите (како што не го спречи насилството на трибината во Струга, и силеџиското дивеење на „спонтано“ насобраната толпа на скопскиот плоштад). Министерката за внатрешни работи повторно се обиде да ја префрли одговорноста и да го минимизира дивеењето на толпата, а Премиерот го амнестира МВР и изјави дека врз база на полицискиот извештај ќе процени дали се работи за меѓуетнички конфликт. Загрижуваат и обидите жртвите на насилството да се претстават како виновници.

ГЕМ го потсетува МВР дека пеењето „патриотски песни“ какви што може да се најдат на веб-страницата на комитите претставува чин на предизвикување национална омраза, раздор и нетрпеливост што претставува кривично дело (кое досега воопшто не е санкционирано).

Бараме од МВР да ги идентификува и уапси предизвикувачите на национална омраза, раздор и нетрпеливост, да ги идентификува и уапси сторителите на кривичните дела „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ (водачите и учесниците) и „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, а од премиерот Груевски бараме да нареди преземање мерки за утврдување на политичка, лична и командна одговорност за неуспехот да се спречи насилството, да се прекине спиралата на насилството, и да се заштитат човековите права на граѓаните од Нерези и другите повредени граѓани за време на насилните инциденти.

Политиканството, тактизирањето и минимизирањето само отвораат простор за нови инциденти и ја зголемуваат одговорноста на власта.

 

Најави