Насловна Вести Јавна дебата на ГЕМ во Крива Паланка: Да не им одмолчиме на оние кои ни ги загрозуваат слободите

Јавна дебата на ГЕМ во Крива Паланка: Да не им одмолчиме на оние кои ни ги загрозуваат слободите

VA4_5606Граѓанската иницијатива „Граѓани за eвропска Македонија“ (ГЕМ) на десетти октомври организираше јавна дебата „Духот на слободата“ со граѓаните на Крива Паланка на која се разговараше за состојбата на граѓанските слободи во Македонија. 

Роберто Беличанец ја отвори дебатата со осврт на Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој според него дополнително ќе ја ограничи слободата на говор. За Беличанец, Предлог-законот и неговиот амин од ЕУ, се начин власта да ги направи поединците безгласна буква. „Кога ќе ви го одземат правото на говор и мислење, и кога ќе немате канали на комуникација ни за да се пожалите за нешто, тогаш престанувате да постоите како единка“ порача Беличанец.

Слободата не може бескрајно да се ужива, без постојано да се бориме за неа, смета Жарко Трајаноски, особено во ситуации кога постојат сили кои со сите напори се борат да ја укинат.

VA4_5668Осврнувајќи се на актуелниот извештај на Европската Комисија и претстојните локални избори, Бранко Героски смета дека ЕУ ќе стои цврсто зад актуелниот премиер сè додека нема посериозни проблеми во владеењето на Груевски, на пример масовни протести. За Героски клучно за изборите ќе биде тие да бидат фер и демократски, и народот конечно, на фер избори, да го искаже своето убедување и да го порази Груевски, бидејќи како што смета Героски никој од Брисел или Вашингтон нема да ги реши овдешните проблеми.

За Владимир Милчин последните случувања предизвикуваат срам, кој според него веќе е еднаков на револуција. Постојат лица, смета Милчин, кои плукаат и навредуваат само ако се затскриени зад анонимноста и толпата, на кои не смее да им се премолчува.

За Мерсел Биљали последниот извештај на ЕК е подарок за граѓаните, а не заслуга на Владата. Тој смета дека преговорите со ЕУ можеа да започнат уште во 2006 година, но провокациите со антиквизацијата го блокираа процесот. Според Биљали сите граѓани го чувствуваат притисокот од оваа власт, а најдобар доказ за тоа се над 60-тината илјади млади кои за десет години ја напуштиле државата.

Граѓаните на Крива Паланка го искажаа своето разочарување од моменталната ситуација, стравот од притисокот на локалните моќници, како и незавидната економска ситуација која присилува сè поголем број граѓани да ја напуштаат Крива Паланка и околината.

ГЕМ ќе организира уште неколку јавни дебати ширум Македонија со цел да ја развијат демократската култура на дијалог, но и да ги унапредат демократските вредности како што се отвореноста, критичноста, ангажираноста и активизмот на граѓаните.



 

Најави