Насловна Вести Скопје: Национализмот не смее да биде „ѕвезда водилка“ за младите во Македонија

Скопје: Национализмот не смее да биде „ѕвезда водилка“ за младите во Македонија

Македонија мора да биде земја на граѓани кои живеат слободно и без страв. Таа мора да биде држава во која ќе владеат европските вредности и која ќе биде пристојно место за живеење на сегашните, но и на идните генерации.

Македонија е сита од популистички ветувања, пропаганда и лажен патриотизам, порачаа иницијаторите на движењето Граѓани за Европска Македонија, на саботната трибина во Скопје и истакнаа: „Власта треба да ги решава конкретните проблеми на граѓаните, а тие проблеми се економски, социјални, политички, образовни, здравствени...Она на што се држи нашиот живот е економијата. Но економијата тоне, а власта плива. Дали ќе плива и во октомври кога сите ќе се давиме?“

Граѓаните присутни на трибината, исто така, нагласија дека се загрижени за иднината на Македонија, која тоне во сиромаштија, изолација и цензура. Она што се случува во Македонија, констатираа некои од присутните, е истото она што и се случуваше на Србија во времето на Милошевиќ: национализам, шовинизам, па дури и фашизам. Според нив, ретроградните процеси нема да траат кусо и нема да запрат доколку граѓаните не се охрабрат и не се борат за своите права загарантирани со Уставот.

Она што најмногу ги загрижува граѓаните е задоеноста на младите луѓе со национализмот и отсуството на граѓанска свест. Наместо младите да бидат предводници на битката за демократија и човекови права, тие се индоктринирани, разочарани и рамнодушни. Затоа, порачаа присутните, движењето Граѓани за Европска Македонија, мора во иднина, со своите активности да привлече што е можно повеќе млади луѓе.

На трибината можеа да се слушнат и полемични тонови. Некои граѓани прашаа зошто иницијативата започна токму пред избори и дали зад неа стои опозицијата. Имаше и граѓани кои нагласувајќи дека се од ВМРО-ДПМНЕ, на иницијаторите на Движењето им соопштија дека „зеле преголем залак во устата и дека се веќе осудени на смрт“.

Со трибината во Скопје, иницијаторите на движењето (Бранко Героски, Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Владимир Милчин, Жарко Трајаноски и Роберто Беличанец) го завршија тринеделниот „февруарски поход“. Тие одржаа трибини во Скопје, Велес, Штип, Струмица, Битола, Куманово, Кичево, Дебар, Кочани и Тетово, на кои разговараа со граѓаните за состојбите и перспективите на Македонија. Средбите со граѓаните ќе продолжат по изборите.

 

Најави