Насловна Вести Интервју со Владимир Милчин: Зашто, сите документи објавени од комисијата за верификација имаат печат на Државниот архив, а од таму ни одговорија дека не поседуваат соработнички досиеја!?

Интервју со Владимир Милчин: Зашто, сите документи објавени од комисијата за верификација имаат печат на Државниот архив, а од таму ни одговорија дека не поседуваат соработнички досиеја!?

10.09.2012

Интервју со Владимир Милчин, професор на ФДУ и извршен директор на Фондацијата Отворено Општество Македонија.

Sky: Г-дине Милчин, власта продолжи да ви се одмаздува за вашите активности во граѓанскиот сектор. Иако e јасно дека не сте биле соработник на службите Комисијата за верификација по втор пат ве прогласи за соработник. Кои ќе бидат вашите следни активности во врска со лустрацијата?


Владимир Милчин: „Лустрацијата го урива владеењето на правото“, изјави амбасадорката на Холандија во Македонија во интервјуто објавено во „Граѓански“ од 8 септември. Таа го потврди она на што укажувавме ние неколкумина уште кога беше објавен предлогот за првиот закон за лустрација. Денес, по стапувањето на сила на третиот, најлошиот закон, напнувајќи се лустрацијата да ја сведе на компромитација, власта успеа само да ја компромитира лустрацијата како концепт. Кога станува збор за мене, јас веќе поднесов тужба во Управниот суд против решението на комисијата. Неделава ќе поднесам и кривична пријава против медиумите кои побрзаа да ме наклеветат така што извештајот против Шишков што го поднесол извесен соработник „Мишо“ ми го припишаа мене. Следниот чекор ќе биде кривичната пријава против „претседателот без мандат“.


Но, за љубопитните читатели поинтересни може да бидат сознанијата што ФООМ ги доби преку одговорите на прашањата што им ги постави на државните институции на 27 јуни 2012 година. На прашањето: Со колкава бројка на досиеја на соработници располага Државниот архив на РМ, ни беше одговорено: Државниот архив не поседува соработнички досиеја! На прашањето: Колкав процент од вкупниот број на досиејата за соработници отпаѓа на соработниците до 1991 година, Агенцијата за разузнавање одговори дека е конституирана на 1 јануари 1998 година, што веројатно треба да значи дека нема досиеја од претходниот период. На истото прашање МВР одби да одговори зашто тоа била класифицирана информација. Одби да одговори и на прашањето: Со колкава бројка на досиеја за соработници располага УБК? И тоа била класифицирана информација!

Па кого тогаш лустрира мнозинството на Аџиев, доколку соработниците се невидливи и заштитени со тајност? Мојот одговор гласи: Жртвите кои поради идеолошки и политички причини биле изложени на претходна оперативна обработка (ПОО), а сега се одново оцрнети како „кодоши“. Зашто, сите документи објавени на веб-страницата на комисијата која божем верификува факти имаат печат на Државниот архив кој, така одговори неговиот директор со потпис и печат, не поседува соработнички досиеја!

Од овие и од другите одговори на државните институции до кои упативме прашања користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер произлегува дека Аџиев и мнозинството во комисијата се соучесници во кафкијански монструозен заговор, кој треба да произведе докази дека   Македонија од 1944 до 2006 година била најкодошката држава на светот и пошироко. Заклучно со 25 јули 2012 година, Аџиев побарал од Агенцијата за разузнавање проверка на фактите за вкупно 10.268 граѓани, 2482 актуелни носители на јавни функции, 2802 кандидати за јавни функции и 4984 бивши носители на јавни функции (кој знае дали се сите живи).

Повеќе на http://www.sky.mk/intervju/30489-Интервју-со-Владимир-Милчин-Зашто,-сите-документи-објавени-од-комисијата-за-верификација-имаат-печат-на-Државниот-архив,-а-од-таму-ни-одговорија-дека-не-поседуваат-соработнички-досиеја.html
 

Најави