Насловна Вести ГИ БРАНИМЕ ТЕМЕЛИТЕ НА УСТАВОТ И СУШТИНАТА НА ДЕМОКРАТИЈАТА

ГИ БРАНИМЕ ТЕМЕЛИТЕ НА УСТАВОТ И СУШТИНАТА НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Одговор на изјавата на Саво Климовски дадена за дневниот весник „Вест“ на 5 јули 2012 година со наслов: „Немаат храброст да ја тужат Владата“

Скопје, 9 јули 2012 година

Ние, долупотпишаните подносители на кривичната пријава против пратениците кои го изгласаа новиот Закон за лустрација, сметаме дека изјавата дадена на 5 јули за дневниот весник „Вест“ од Саво Климовски со наслов „Немаат храброст да ја тужат Владата“ е произволна и невтемелена, од правно-политички, интелектуален и морален аспект.

Изјавата содржи порака која Климовски ја прогласува за конечна, наспроти фактите: (1) подносителите имаат активни тужби пред судовите против функционери во Владата и подносителите редовно доаѓаат во судниците за да ги спротивстават „вистините“, додека на „храбрите“ властодршци државата не може да им испорача судска покана; (2) подносителите очекуваат од институциите на државата да се заложат за зачувување на уставниот поредок, зашто повторното регулирање на одредби во спротивност со одлуките на Уставниот суд е непочитување на одлуките на судот, што во суштина е кривично дело.

Имено, во Уставот на РМ не пишува (како што Климовски тврди во изјавата) дека Владата е надлежна за извршување на одлуките на Уставниот суд. Пишува само дека тие одлуки се конечни и извршни. Во Деловникот на Уставниот суд се усвојува принцип на самоизвршност на одлуките по основ: оној орган кој го донел законот тој има обврска да ја изврши одлуката на судот (а предвидена е и казна за евентуално неизвршување). Владата тука се споменува само како дополнителен фактор на помош при ефикасното извршување на одлуките на Уставниот суд и тоа најмногу тогаш кога задолжен за извршување е некој административен орган или некое министерство, чија одлука е укината. Во нашиов случај, бидејќи станува збор за закон поднесен од група пратеници и усвоен од Собранието на РМ, донесувачот (конкретно, Собранието) е дефинитивно надлежен за остварување на одлуката на Уставниот суд. Владата, која е друг столб на власта (извршна), во овој случај не може ниту да му сугерира на Собранието што да прави, ниту да му помага. Зарем е можно Климовски ова да не го знае?!

Климовски греши и во своето тврдење поврзано со имунитетот на пратениците. Зашто, при усвојувањето на Законот за лустрација, се поставува прашањето: дали пратеничкиот имунитет согласно Уставот се однесува и во случаите кога со закон се руши уставната норма за независност на Уставниот суд и извршноста на неговите одлуки? Дали со закон пратениците можат да ја рушат уставната поделба на властите, преку рушење (дерогирање) на извршноста на одлуките на Уставниот суд, а направена од Собранието? Ние велиме: НЕ! Пратениците НЕ можат да ја срушат уставната поделба на властите преку усвојување Закон за лустрација.

Инаку, имунитетот на пратениците е ограничен по две основи. Едната е утврдена во Уставот, а другата произлегува од секундарното законодавство - толкувањето на Уставот и на неговиот дух. Имено, имунитетот на пратениците не се однесува за сторени кривични дела за кои се предвидува казна затвор поголема од 5 години (ако пратеникот сторител е фатен на местото на кривичното дело) и за дела со кои се придонесува за рушење на уставната поделба на власта, односно на самиот Устав (каков што е случајот со усвојувањето на Законот за лустрација). За промена на Уставот и укинување на Уставниот суд пратениците треба да поведат постапка за промена на Уставот.

Од: Љубомир Данаилов - Фрчкоски, Роберто Беличанец, Никола Гелески, Бранко Ѓероски, Ѓунер Исмаил, Владимир Милчин и Жарко Трајаноски
 

Најави