Насловна Вести ПОКАНА ЗА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

ПОКАНА ЗА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Кривична пријава против пратениците кои гласаа за новиот Закон за лустрација

Во недела, на 1 јули 2012 година, со почеток во 11.00 часот во ГЕМ клубот во Скопје (Стара скопска чаршија), Љубомир Данаилов Фрчкоски, Роберто Беличанец, Никола Гелевски, Бранко Ѓероски, Ѓунер Исмаил, Владимир Милчин и Жарко Трајаноски ќе одржат прес-конференција.

На прес-конференцијата ќе биде најавено поднесувањето кривична пријава против пратениците кои на 35-тата седница на Собранието на РМ гласаа за усвојување на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државна безбедност (Закон за лустрација). Со чинот на усвојувањето на Законот за лустрација на 20 јуни 2012 година, пратениците де факто гласаа за неуставни законски решенија за кои Уставниот суд веќе се произнесе дека се неуставни и истите ги укина со неколку одлуки. Пратениците свесно одбиваат да спроведат одлука на Уставниот суд, а како последица на тоа сторија кривично дело Неизвршување на одлука на Уставен суд на РМ.

Пратениците гласаа за усвојување на Законот за лустрација во кој повторно опфатот на лустрацијата се однесува и на периодот по 17 ноември 1991 година, се уредува лустрирање на лица кои се поранешни функционери, членовите на политичките партии, верските заедници, новинарите и невладините организации, одредби за кои Уставниот суд утврди дека се неуставни и истите ги укина. Повторното регулирање на овие одредби, во спротивност со одлуките на Уставниот суд, е грубо кршење на уставниот поредок и непочитување на извршните одлуки на судот, што, впрочем, претставува кривично дело. Мора да напоменеме дека слободата и имунитетот кои ги уживаат пратениците да дискутираат, изнесуваат мислење, да даваат формални предлози и да гласаат, не може да вклучи во себе свесни активности и постапки спротивни на одлуките на Уставниот суд.

 

Со почит,

Љубомир Данаилов Фрчкоски, Роберто Беличанец, Никола Гелевски, Бранко Ѓероски, Ѓунер Исмаил, Владимир Милчин и Жарко Трајаноски

 

Најави