Насловна Вести Лустрацијата не смее да се однесува на политичка чистка

Лустрацијата не смее да се однесува на политичка чистка

Лустрацискиот процес во Македонија е еден од неколкуте во регионот кој отиде во погрешна насока, или со други зборови, тој стана алатка во рацете на власта за стигматизација на нејзините непријатели.

Од Хералд Шенкер
Скопје, 27 јануари 2012 година

Општествата контаминирани со тоталитаристичка манипулација треба да се исчистат. Оваа вистина толку е едноставна колку што е невозможна за реализација. Јас не познавам ниту еден случај на лустрација кој мина неоспорен од страна на поранешните сторители. Проблемот е во демократиите каде и поранешните манипулатори имаат право на глас, дури и по нивната лустрација, судската осуда, или каква било друга мерка изречена против нив.

Во идеална ситуација, овој процес пред сѐ има социјален карактер. Важно е ваквите информации да бидат јавни. Важно е да се обелоденат кривичните дела сторени од страна на тоталитаристичките режими, тие да станат дел од колективната меморија и да се осудат. Важно е за нив да се предава, детално да се истражуваат и потоа истите детали да се стават на располагање на јавноста.

Се разбира, неприфатливо е поранешните сторители на овие кривични дела и нивните доушници, оние без’рбетниците, да не се именуваат на јавни функции, барем за одреден временски период. Се разбира дека непријавувањето на сопствениот статус како соработник на тајните служби треба да се казни. Така е во теоријата.
Погледнете ги земјите како Романија или Бугарија каде голем дел од политичките елити се појавија токму од редовите на поранешните сторители.

Погледнете ја Германија по падот на нацистичкиот режим, и Западна и Источна Германија (да, да, и таму има вакви случаи) каде поранешните нацисти се користеа како експерти во нивните соодветни области, и покрај де-нацистификацијата, и покрај различните демократски заложби. Погледнете ја Германија денес, каде поранешните сторители на кривични дела не само што имаат сопствени политички партии и групи на интереси, туку и активно се борат против лустрациските постапки, иако не со голем успех.

Сепак, Германија е и пример за фер право и постапка. Повеќе од 20 години по падот на комунистичкиот режим, архивите сѐ уште се отворени, жртвите сѐ уште добиваат пристап до нивните досиеја, сторителите сѐ уште може да се гонат, а доушниците можат да ги изгубат своите работни места во јавниот сектор.

Јавноста овде е клучен збор. Јавната функција е единственото поле на интерес на државата во овој процес. Државата не ја засега дали една приватна компанија или организација вработува поранешен член на Штази или доушник.

Ова може да се чини дегутантно, но кој очекува приватните работи секогаш да бидат морални и етички? Со други зборови, кој има право да суди за тоа?
Романија е различен пример. Таму се чуваат досиејата на жртви водени за моите родители, како и оние водени за неколкумина од моите блиски пријатели, инаку поранешни дисиденти. Овие досиеја се нецелосни и погрешни. И тоа нема да се смени. Зошто? Бидејќи тие беа под контрола на сторителите на кривични дела за период подолг од една деценија по падот на режимот. Досиејата се изманипулирани, преправани и уништени до тој степен што соодветна реконструкција на настаните ќе биде исклучително комплексна задача.

Третиот пример е Македонија. Овде процесот започна со задоцнување од две децении и содржи пропусти во речиси секој аспект. Како и многу други работи во Македонија денес, процесот на лустрација е предмет на политичка чистка.

Наместо да поттикне јавна дебата за улогата на самопрогласените елити во поранешна Југославија и дискусија за соработката на голем дел од населението со системот кој ги обесправуваше другите делови, целата работа се сведе на јавно објавување на наводните доушници.

Ќе ги прескокнам деталите за тоа како комисијата надлежна за овој процес е сѐ освен независна и како политичките елити создадоа уште една политизирана институција којашто по потреба можат да ја злоупотребуваат во јавноста. Зборувам за политичките елити во множина бидејќи и денешната влада и опозицијата имаат свој удел во создавањето на оваа збрка. Тоа го направија намерно, со цел да се стекнат со контрола, да добијат уште едно оружје за пресметка со политичките непријатели.

Проблемот е во тоа што „другиот“ навистина е непријател, а не само опонент. На тој начин политиката се персонализира, што пак, е вообичаено во овој дел од светот, па така целото општество се држи како заложник на егото на неколкумина. Лустрацискиот процес е жртва на истите рефлекси.

Зошто инаку би се донела политичка одлука лустрацијата да се прошири и во однос на временската рамка и во однос на лицата кои треба да ги опфати?
Да им објаснам на оние кои не се запознаени со оваа проблематика: според Законот за лустрација кој е во сила, овој процес го опфаќа и периодот на 90-тите, деценија на демократија, којашто колку и да била транзициска и неперфектна, сепак е демократска.

Кревате веѓи во чудење? Второ, законот сега налага лустрација на претставниците на граѓанското општество и на новинарите. Не ви се верува? Ви се вклучува светлото за аларм?

Моќните опоненти на власта кои доаѓаат од редовите на граѓанското општество и медиумите веќе со години се стигматизираат како предавници. Лустрацискиот процес, онака како што денес се спроведува, е обид ваквиот процес на стигматизација да добие еден вид диплома, парче хартија што не може да се негира, побие или заборави.

Без оглед на околностите, штетата е веќе направена. Лустрацијата се однесува на минатото и таа не смее да се помеша со политичките чистки.

Одлуката на македонскиот уставен суд за укинување на 12 одредби од Законот за лустрација заслужува пофалба. Надежите се дека таа одлука ќе помогне процесот на лустрација да се врати онаму каде навистина припаѓа: во откривање на кривичните дела од минатото.

Исто така, надеж постои и дека тоа ќе испрати јасен сигнал до политичките елити да ја продолжат својата пресметка во арената што е вистинско место за неа: во политичката арена на денешницата, во институциите, а не во мрачните ходници на поранешните тајни служби.

Наслов на оригиналот: Lustration Should Not be About Purges
Од: Harald Schenker

Преземено од: http://www.balkaninsight.com/en/article/lustration-should-not-be-about-purges
 

Најави