Според експертот за човекови права Мирјана Најчевска, соучесништвото во овој случај има поширок контекст. Соучесници се сите оние кои на некаков начин влијаеле за време и непосредно по убиството. Соучесник се и јавниот обвинител и истражниот судија кои не излегле навреме на местото на настанот,, не го обезбедиле местото, како и полицајците кои не го привеле Игор Спасов, туку помогнале да се премести телото, заклучи Најчевска, додавајќи дека соучесници може да се побараат и во други државни органи, односно кај оние кои се обидувале да го прикријат убиството на Нешкоски. За Најчевска, самиот чин на убиство, како и истрагата, а потоа и целиот судски процес претставува чин на државна тортура. Симптоматично за Најчевска е тоа што Судот не ја тргнал доверливоста од службената тајна на МВР, иако тоа можел да го стори и без да бара дозвола од МВР.
Александар Нешкоски, братот на Мартин, изјави дека имало доста нелогичности во исказите на сведоците-полицајци, а секој сведок кој сакал да каже нешто повеќе веднаш бил прекинуван и не му биле поставувани никакви дополнителни прашања. Александар разочарано констатираше огромен број недостатоци во истрагата и судскиот процес. Како пример за вмешаност на највисоките државни органи, Александар го посочи фактот што иако Мартин во себе имал лична карта, МВР два дена го криела идентитетот на убиеното момче. Братот на Мартин најави дека неговото семејство нема да се задоволи само со казната на Спасов и најави нови тужби против сите соучесници, а не ја исклучи можноста и за тужба во Судот за човекови права во Стразбур. Во делот предвиден за коментари и прашања, покрај неколкуте коментари од публиката, Александар истакна дека секојдневно се соочува со закани, но тоа нема да го исплаши да ја истера правдата на видело.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26




