ДОСИЕ 25630 (7)

Е-пошта Печати PDF
Од Управниот суд ни глас, ни абер - веќе цел месец. Мојата тужба против решението на т.н. Комисија за верификација на факти ја поднесов на 12 август 2011 година. Законот вели дека надлежниот суд треба „во рок од 5 дена да покрене постапка која е итна“. Но, во земјата на т.н. „Обединител на нацијата“ законите се како тенгала. Неправдата е брза како молња, правдата е бавна како полжав. Меѓувремено, од 12 август до 13 септември, преку телевизијата Алфа, која редовно известува за нашата неславна лустрација, разбрав дека Уставниот суд есенва ќе расправал за уставноста на Законот за дополнителен услов за извршување јавни функции. Разбрав и дека Управниот суд ја препратил мојата тужба до Комисијата во која меѓувремено стигнало известие од УБК дека јас не сум бил соработник на службите. Не знам колку граѓани го разбраа тоа, зашто веста беше главно премолчана. И, на крајот, разбрав дека Комисијата ме осудила без каков било документ, без каков било факт. Во земјата на т.н. „Обединител на нацијата“ неправдата напаѓа со татнеж, а правдата се влечка со шепот. А главниот „ловец на кодоши“ веќе осум месеци е без мандат. Тоа не му пречи да го гази законот и да ништи луѓе. „Ловецот на кодоши“ не престанува да кодоши.

http://www.plusinfo.mk/mislenje/305/DOSIE-25630-7
Последно освежено на Петок, 23 Декември 2011 14:29