Насловна Колумни Владимир Милчин Досие 25630 - Предлогот за дерегистрација (3)

Досие 25630 - Предлогот за дерегистрација (3)

Е-пошта Печати PDF

Владимир Милчин

Деветтиот акт РСВР/СДБ/УСДБ за Владимир Милчин, Предлог за дерегистрација на ПОО „Драматург“, заведен е на 22.7.1987 година со ев.број 886. Предлогот има три потписи покриени со црно.

Значи, цитирам од почеток до крај без било каква интервенција: „МИЛЧИН ВЛАДИМИР од татко Илија, роден на 29.04.1947 година во Скопје, Македонец, државјанин на СФРЈ, стално настанет во Скопје на ул. \\\\\\\'8 ударна бригада\\\\\\\' бр. 20/б-1, оженет, татко на едно дете, професор по актерска игра на факултетот за драмски уметности во Скопје, член на СК, заведен во ПОО, бр. 6427/1976 година под псевдоним \\\\\\\'Драматург\\\\\\\' заради основите на сомнение дека делува од позиции на граѓанска десница.“ Потоа следи образложение во кое пишува, цитирам, пак без било каква интервенција: „Основ за заведување се добиените сознанија за негово учество во студентските демонстрации во јуни 1968 година во Белград, во својство на иницијативниот одбор за организирање на демонстрациите, како и основите на сомневање за соработка со весникот „Студент“ од Белград, учество во основањето на весникот „Фокус“ и авангардниот театар „Св. Никита Голтарот“; и неговите настојувања во Македонскиот театар да се поставуваат дела од автори кои делуваат од позиции на Граѓанска десница. Исто така одржувал контакти со лица од белградскиот универзитет и лица од Скопје, експонирани од позиции на граѓанска десница и македонски национализам, меѓу кои најчесто со (псевдоним покриен со црно, м.з.) и (псевдоним покриен со црно, м.з.). Во текот на обработката низ преземените оперативни и оперативно-технички мерки добиени се сознанија дека ПОО \\\\\\\'Драматург\\\\\\\' во периодот на 1978 година со неколку лица кои порано биле експонирани по линија на граѓанска десница, покренал иницијатива за основање на ново списание за млади во кои ќе се објавувале написи за \\\\\\\'актуелни настани од средините на средношколската и студентската младина, но ваквиот обид бил неуспешен. Во тој период се противставувал на секој концепт во односите меѓу органите на општествените и културните институции, кои значеле детерминирање и (веројатно требало да стои на, м.з.) културата и уметноста. Се залагал општествените институции да се прилагодат на барањата на театарот и културата воопшто, бидејќи според него истите претставувале пречка за развојот на уметноста. Со примената на оперативните и оперативно-техничките мерки, добиени се 29 оперативни материјали, во истите делумно се потврдени индициите за негово делување од позиции на граѓанска десница. Не се добиени сознанија за контакти со екстремни лица од позиции на граѓанска десница и Македонски национализам од Белград, Скопје, што всушност беше и еден од основите за заведување во обработка. Од 1982 година приливот на сознанијата за активноста на ПОО \\\\\\\'Драматург\\\\\\\' е минимална, односно има сознанија во контекстот на безбедносни појави кои се јавуваат пошироко во сверата на културата, но неговото место и улога не е прецизно одредено. Од друга страна од 1982 година истиот е општествено политички активен (извршен секретар на ОК на СК на СО \\\\\\\'Центар\\\\\\\' и на факултетот за драмски уметности во Скопје) целосно ја спроведувал политиката на СК и зацртаните задачи во рамките на своето работење. Имајќи ја во вид неговата научна и образовна дејност, доприносот што го дава на афирмирањето на Македонската драмска уметност и култура, како и фактот дека во поново време не се експонира со непријателски коментари и дејанија, сметам дека се исполнети сите услови за негово дерегистрирање од ПОО. Со оглед дека Службата има стапено во контакт со него, и фактот што е присутен во средината каде е можно да се очекува однесувања од позиции на граѓанска десница и други видови непријателски активности, контактите ќе продолжат и ќе се создаваат услови за градење на соработнички однос. Од наведените причини предлагаме ПОО \\\\\\\'Драматург\\\\\\\' да се дерегистрира од ПОО, а неговото досие да остане во оперативниот архив на СДБ. Истиот е и ќе биде користен како оперативна позиција за следење на активностите и коментарите на ПОО-а и лица безбедносно интересни од позиции на граѓанска десница, како и следење на состојбите во овие средини кои претставуваат интерес на СДБ.“ Во горниот десен агол со ракопис е напишано дека сум бил дерегистриран на 19.8. 1987 година. Решението за дерегистрација го нема во досието 25630. ...и потоа, мојата одбрана на Вевчани

Од досието кое останало во оперативниот архив на СДБ се гледа дека не следеле ниту контакти ниту мерки за градење „соработнички однос“ со Владимир Милчин. Зошто? Дел од одговорот е службената белешка од 3.11.1987 година, заведена во РЦВР/УСДБ Испостава „Центар“, со ев.бр. 091/760, која се однесува на разговор по иницијатива на некој извор (псевдонимот е покриен со црно, м.з.) кој се водел час и половина во работната просторија на изворот. „Целта на разговорот беше добивање на сознанија во врска со неодамнешниот интервју на Владимир Милчин во неделниот часопис \\\\\\\'Данас\\\\\\\' (...) како и пошироко запознавање со состојбите на Факултетот за драмска уметност,“ запишале двајцата оперативни работници чии потписи се покриени со црно. Ќе ги изоставам деловите од службената белешка кои се однесуваат на други лица чии имиња не се покриени, а ќе ги цитирам само деловите кои се однесуваат на мене. „Во врска со неодамнешното интервју на Владимир Милчин во \\\\\\\'Данас\\\\\\\' можам да кажам дека на факултетот т.е. меѓу вработените истото не предизвика никакви реакции нити коментари. Што се однесува до студентите мислам дека најголем број од нив не се запознати со ова,“ се обидел да ме заштити изворот. Но, оперативните работници не биле сосем убедени, па во оперативниот коментар запишале: „Со оглед на тоа што во врска со интервјуто на Владимир Милчин во \\\\\\\'Данас\\\\\\\' засега не се регистрирани безбедносно-интересни сознанија, Изворот е инструиран кон натамошно следење на евентуални коментари и искажувања во врска со истото.“ И тоа е хронолошки последниот акт со евиденциски број што го најдов во досието 25630.

Зошто моето интервју во угледниот загрепски неделник „Данас“ го привлекло вниманието на оперативните работници? Зашто јас бев, како што велеа вевчанци, единствениот што јавно ја осудив употребата на полициска сила врз жените и младите вевчанци, кои ги бранеа своите извори. Но, во интервјуто јас зборував и за многу други болни и нерасчистени политички прашања од историјата и од современоста на Македонија. Се редеа интервјуа за печатените медиуми од сите делови на Југославија, вклучително и љубљанска „Младина“, која во тие години (втората половина на 80-тите) беше најжестокиот критичар на владејачката политика. Мојот граѓански политички ангажман што следеше по тоа интервју (основањето на Здружението на југословенската демократска иницијатива, основањето на Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Македонија, учеството во Комисијата за општествени реформи, членувањето во Управниот одбор на Соросовата фондација, основана во времете на Анте Марковиќ) бил доволно силен сигнал за СДБ дека оние кои ги „билдале“ кариерите најавувајќи дека ќе ме направат нивни соработник биле нереални и неостварливи. Уште претходно, со заминувањето од МНТ на ФДУ во април 1982 година, мене ми се отворија можности за режии надвор од Македонија. Мојата професионална кариера веќе беше надвор од дофатот на оние кои ме оневозможија да ја поминам југословенската селекција за Фулбрајтова стипендија. Мојата егзистенција ниту претходно, ниту во годините кога бев ПОО (1976-1987) не зависеше од милоста на СДБ. Бев вработен од септември 1970 година. Станот, изграден во 1934 година, во кој живеам и денес, го наследив од мајка ми, која го наследила од татко ѝ Трајче Бојаџиев. Што би рекол еден мој пријател, ја имав среќата да претставувам „затворен систем“ неподложен на поткуп, закани или уцени. Жртвите остануваат жртви, џелатите се редат

Јасно ми е дека денешното (4.08.2011 година) решение на т.н. комисија за лустрација (читај: дискредитација) е резултат на налогот од „семоќниот“ кој бара неодложна егзекуција на сите кои не се подготвени да застанат во стројот и да поздравуваат со „Хајл, Никола!“. Јасно ми е дека тоа решение е спротивно на членот 4 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција. Јасно ми е и дека она што следува ќе биде маратон и дека јас нема да бидам последниот маратонец кој ќе треба и дома и во странство да се бори против груевистичката инквизиција. И таа борба мора да биде гласна. Правото и правдата, слободата и демократијата, не се бранат со шепотење, уште помалку со молчење.

Го завршувам ова продолжение со мислата дека жртвите остануваат жртви, само џелатите се менуваат. Раководено од челичната рака на Груевски и фамилијата, ВМРО-ДПМНЕ чекори по патот на УДеБе и гази сè пред себе! Газејќи ги другите, ја гази и сопствената историја и сопствената иднина.

Со нетрпение го очекувам курирот да ми го врачи решението. За да можам докрај да ја разоткријам пред јавноста монструзната леснотија со која ја одврзаа гилотината.

Фељтонов, се разбира, не е завршен. Ако заради ништо друго, тогаш заради пораката дека на правдата можат да ѝ ги врзат очите, но на жртвите не можат да им ги затнат устите.

 

Владимир Милчин

Последно освежено на Понеделник, 15 Август 2011 14:51