ДОСИЕ 25630 (2)

Е-пошта Печати PDF

Владимир Милчин

Може ли за тој период додека сте биле жртва или кодош или што веќе не, да ни доставите увид во вашата кариера. Со денови, барам ваша биографија на интернет но не можам да најдам освен штури податоци, ме прашува во коментарите под првото продолжение на овој фељтон, објавено и на веб-порталот Окно, некој што се затскрива зад псевдонимот „Ервин Ромел“.

Мојата прва реакција на оваа налогодавна интонација беше мислата дека овој „херој“ на нашето невреме го утнал псевдонимот. Повеќе би му прилегале Хајнрих Химлер, Рихард Хајдрих или Валтер Шеленберг, шефовите на нацистичките партиски и државни полиции. Фелдмаршалот Ервин Ромел, познат како „Пустинската лисица“, бил војник, а не полицаец. Ромел бил принуден да изврши самоубиство, по неуспешниот атентат врз Хитлер во 1944 година. Да се криеш зад Ромел, а да се однесуваш како Химлер, е еднакво на тоа да се криеш зад името на маршалот Жуков, а да се однесуваш како шефот на НКВД, Берија. Да се криеш зад Франциско Асишки, а да се однесуваш како инквизиторот Торквемада. Еднакво перверзно е на интернет да си го криеш идентитетот и во исто време од другиот да бараш на интернет да објави своја детаљна биографија, односно да достави „увид во својата кариера“. Кому? На која и чија ѓоамити тајна служба? На кој и чиј неписмен комитет од кариеристи? На која и чија заслепена инквизиција?

Бидејќи претпоставувам дека нашиот „Ромел“ и неговите ќе продолжат да плетат интриги, еве го одговорот: Од септември 1970 до април 1982 година јас бев вработен во Драмата при Македонскиот народен театар, како драматург и раководител на малата сцена. Од април 1982 година до денес сум наставник на Факултетот за драмски уметности, во звањето редовен професор, до кое стигнав почнувајќи од најниското наставничко звање, доцент. Од јуни 1983 до јуни 1987 година, во два двегодишни мандата, бев декан на истиот факултет. Во периодот за кој прашува „Ервин Ромел“, бев и еден од основачите и режисер на Театарската работилница ФФ, позната и како „Зелената гуска“. За мојата дејност во тој алтернативен театар не добивав финансиски надомест, еднакво како и сите други членови. Да не заборавам: воениот рок го отслужив 1974-1975 година.

АКТИТЕТЕ ОД 1978 И 1979: ПРОШИРУВАЊЕ НА ИНКРИМИНАЦИИТЕ

На 10.03.1978 година, со актите бр. 1248 и 1249 на РСВР, СДБ и УСДБ Скопје, на Милчин Илија Владимир, заведен во ПОО под бр. 6472/76 под псевдоним „Драматург“, со по четири потписи (покриени со црно, м.з.), почнувајќи од инспектор, завршувајќи со републички потсекретар на СДБ, му се продолжува мерката контрола на преписката и другите поштенски пратки одобрена со решение Сд.бр.52/77. Истото важи и за мерката контрола на телефонските разговори на претплатничкиот број 33-930, сопственост на МИЛЧИН Илија ВЛАДИМИР.

Новото во овие решенија е тоа што пред етикетата „анархолибералистички“ се појавува етикетаталибералистички“, како и лепењето на тогаш опасната етикета „групашки позиции“: „По вработувањето во МНТ како драматург предлага во театарот и дела кои се оценуваат како либералистички и анархолибералистички. Покрај тоа во МНТ заради остварување на ваквите свои гледања и лични позиции, делува од групашки позиции. Во контакт е со \'Поет\', \'Дентист\' и други интересни лица од Скопје и Белград и за истите се залага да им се поставуваат творби за изведба.

Изгледа некој малку поначитан му објаснил на инспекторот дека анархистот Бакуњин не пишувал драми, па Бакуњин отпаднал. Но, инспекторот не се откажал од пресолувањето, па во двете решенија ја има следнава збирштина од недокваканости: По професионален основ и приватно одржува контакти и со лица од странство /Гонг, Амер.инф.центар, Француската читална, од ЧССР, Јапонија и др./Гонг е презимето на директорот на новоотворениот американски информативен центар, со кого одвај се познавав. Центарот го посетував зашто можеа да се разгледуваат театарски списанија (ТДР, на пример) и да се земаат на преслушување грамофонски плочи. Истото важеше и за Француската читална. Контакти со лица од ЧССР? Да, одржував контакти со актерите од забранетата претстава „Големата вода“, што ја работев во братиславска „Нова сцена“, врз основа на романот на Живко Чинго. Еден од нив, Милан Књажко, кој го играше ликот на бунтовникот Кејтен, подоцна беше еден од лидерите на „пурпурната револуција“ во ЧССР. А Мариан Лабуда, кој го играше воспитувачот Трифун Трифуновски, мнозина го виделе во прекрасниот филм на Јиржи Менцл, „Село мое малечко“. А Јармила Коленичова, која ме молеше да ја земам со мене зад „железната завеса“? Колку ли се изнамачиле нашиве служби да гидешифрираат“ нивните писма до мене.

Најгротескното писмо од ЧССР што го најдов во моето досие е она во кое Јозеф Кремницки, заменикот на управителот на театарот „Нова сцена“, ме моли да го убедам З.Ш. од МНТ да му ги врати парите што Кремницки му ги дал на заем во Братислава!

На 31.05.1979 година, со актот бр. 1496 на РСВР, СДБ и УСДБ Скопје, ми се продолжува мерката контрола на телефонските разговори на претплатничкиот број 224-258“. Новото во образложението на ова решение со четири потписи е дека веќе го нема Гонг. Во реченицата за тоа дека делувам од „групашки позиции“, двете имиња или псевдоними со кои сум „во контакт“ се покриени со црно.

За решението во актот бр. 1754, со кое се продолжува примената на мерката контрола на преписката и другите поштенски пратки“, ми падна в очи дека тоа е донесено 20 дена подоцна, на 20.06.1979 година. Тоа ме натера повнимателно да го прочитам и дури сега да ја забележам „надградбата“ на образложението, во којавоскреснувањето“ на фамозниот Гонг е само детаљ. Значи, четирите потписи покриени со црно оверуваат дека:

Целта на досегашната примена на оваа мерка беше установување на негови врски со странство, карактерот и содржината на контактите со нив особено по воспоставувањето на односи меѓу МНТ и \'Нова сцена\' од Братислава. Од досегашната примена на мерката добиени се делумни резултати. Остваруваше контакти со лица од ЧССР и при тоа пројавуваше интерес за поставување на дела од Чешки (големото Ч не е моја грешка, м.з.) автори кај нас, за односите во нивните културни средини, за слободата и творештвото и сл. Во идниот период се очекува да ги продолжи врските со веќе познатите контактори, да разменува мислења од областа на творештвото, а исто така се очекува да се установуваат и нови контактори. Од тие причини се наметнува потреба од натамошна примена на мерката.

Наеднаш, фокусот на органите се врти кон претставата „Голема вода“, која ми беше забранета во Братислава зимата 1977 година. Станувам сомнителен поради интересот за поставување чешки автори кај нас!? За кои автори се работи? За чешките т.н. внатрешни дисиденти Милан Кундера (неговата пиеса „Сојка“ во мој превод ја поставив во кумановскиот театар во втората половина од седумдесеттите години) и Иван Клима (неговата пиеса „Замок“, инспирирана од истоимениот роман на Кафка, претходно ја преведов и објавив во списанието „Културен живот“) и за словачките внатрешни дисиденти Милан Ласица и Јулиус Сатински, од чии дијалози ја создадов популарната претстава „Сојтарии“, која ја полнеше Малата сцена на МНТ и подоцна беше поставена од Петар Вечек во Вараждин, па од Живко Пешевски Куманово... Значи, мојот грев се состоел и во тоа што сум разменувал мислења за слободата на творештвото со автори од ЧССР познати како противници на „реалниот социјализам“, што тенковите го донесоа во Чехословачка во август 1968 година.

На ова ќе се навратам уште еднаш во овој фељтон, а ова продолжение ќе го завршам со Прашалникот за ревизија на личното досие бр. 25630.

ОДНОС СО ОРГАНИ ЗА В(НАТРЕШНИ) Р(АБОТИ) НЕМАЛ (1.12.1983)

Од јуни 1979 до декември 1983 година во досието на ПОО „Драматург“ нема други акти на СДБ/МВР.

На 1.12.1983 година УСДБ Скопје пополнила прашалник за ревизија на личното досие 25630. Графа 1: Презиме, татково име и име. Графа 2: Датум на раѓање. Графа 3: Место на раѓање и општина. Графа 4: Народност. Графа 5: Државјанство. Графа 6: Стално место на живеење. Графа 7: Занимање. Графа 8: Однос со органи на В(натрешни) Р(аботи): Немал. Во графата 9: Категорија, пишува: Лице на анархолибералистички позиции (прва) и учесник во демонстрации (втора). Графите 10, 11 и 12 се празни. Но, празна е и графата 13: Кога е формирано досието нема податок. Графата 14: Кратка содржина на досието повторени се формулациите од актот од 1976 година. Празна е и последната графа 15: Што да се прави со досието.

Најдолу се со црно покриени потписите на (1) тој што го пополнил прашалникот; (2) тој што го контролирал пополнувањето и (3) тој што го шифрирал.

Ќе поминат четири години пред да се појави нов акт на УСДБ/СДБ/РСВР, оној за дерегистрација. Но, за тоа во третото продолжение на фељтонот.


Владимир
Милчин
Последно освежено на Понеделник, 15 Август 2011 14:51