ДОСИЕ 25630 (1)

Е-пошта Печати PDF

Владимир Милчин

На покојната министерка за внатрешни работи Доста Димовска ѝ должам благодарност за пораката што ми ја упати во 2000 година преку една моја роднина. Таа ме поттикна да си го побарам досието 25630 кое денес ми овозможува да се противставам на гнасниот обид на денешнава власт од жртва да ме направи соработник. Во нивното манипулирање со лустрацијата, прочистувањето се претвори во валкање.

Пораката од Димовска гласеше дека Државната безбедност за мене водела досие кое таа ќе ми го даде доколку појдам кај неа. Не појдов кај министерката, туку го искористив правото што ми го даде Законот за пристап и увид во личните досиеја да побарам службен одговор дали СДБ за мене водела досие. На 10.11.2000 година добив писмо со кое Претседателот на Комисијата за спроведување на постапката за пристап и увид во личните досиеја во ДБК Ремзи Салиу ме извести дека „е евидентирано постоење на лично досие од политички и идеолошки причини“. Претседателот на таа комисија ме извести и дека пристап и увид во личното досие можам да остварам на 22.12.2000 година во 9 часот. Досието ми го донесоа во фасцикла на чија етикета пишуваше Владимир Милчин, 217 страни. Не го разгледував детаљно досието, туку веднаш го пополнив образецот бр. 11 и „заради заштита на податоци и информации за приватниот и семејниот живот“ побарав копија од целата содржина на досието и си платив 334 денари за што добив каса прими бр. 376. Во образецот побарав и податоците од досието да останат тајни до 2047 година, „доколку истите не бидат уништени и се предадат на чување во архивот на РМ, согласно член 13 од Законот за постапување со досиеја за лица водени од СДБ“. „СЕ УСВОЈУВА ова барање“, написмено со својот потпис заверен со печат ми одговори Помошникот на директорот на ДБК, Ремзи Салиу. Со негов потпис во својство на Претседател на Комисијата и печат на МВР ми беше предаден и образецот бр. 9 со кој ме известуваат дека осум службени лица учествувале во формирањето на моето досие. Не ми беа познати сите имиња, но ми падна в очи дека го нема името на едно службено лице за кое бев сигурен дека учестувало. На прашањето кои (граѓански лица) давале информации за моето лично досие добив многу чуден одговор дека не може да се утврди нивниот идентитет! А веднаш штом ми го дадоа досието можев да видам дека имаше со црно мастило покриени имиња, но и имиња кои не беа покриени.

Од анархолиберал до уривач на уставниот поредок

На 9.10.1976 УСДБ – Скопје „заради проверка на добиени податоци што укажуваат на можност за постоење на непријателско дејствување“ предлага „ЗАВЕДУВАЊЕ НА ПРЕТХОДНА ОПЕРАТИВНА ОБРАБОТКА на лицето Милчин Илија Владимир. Предметот го носи псевдонимот Драматург. ПОДАТОЦИТЕ КОИ УКАЖУВААТ ЗА ПОСТОЕЊЕ НА НЕПРИЈАТЕЛСКА ДЕЈНОСТ СЕ ОДНЕСУВААТ НА: Порано беше интерес на СДБ поради анархолибералиситчки истапи и однесување; како студент на Академијата за театар, филм и РТВ во Белград учествува во студентските демонстрации /член на иницијативниот одбор/ во јуни 1968 година; соработувал со весникот „Студент“ /екстремна редакција/ (овде излажале, јас никогаш не сум пишувал во тој весник иако не би се срамел поради тоа, напротив, м.з.); еден од основачите на весникот „Фокус“ од Скопје; основач на 'авангардниот' театар 'Св. Никита Голтарот'. За време на отслужувањето на воениот рок, од страна на надлежните не биле регистрирани непријателски истапи освен преписката со една италијанска државјанка и еден негов роднина во Швајцарија. По вработувањето во МНТ како драматург предлага внесување на репертоарот и дела кои од одредени извори се оценуваат како дела кои не се прифатени /дела од Бакуњин и др./. Во последно време настојува во МНТ да вработи лица на разни места кои во минатото и сега имале анархолибералистички ставови и гледања – исто така често контактира со (два псевдоними покриени со црно, м.з.) и други и врши одредени влијанија за поставување на нивни дела на репертоарот (два наслови покриени со црно, м.з.) за новата сезона. Со оглед на тоа што повремено контактира со лица од Белградскиот универзитет познати на СДБ, како и наведените податоци предлагам да биде заведен во ПОО. Извор на податоци Соработник (псевдоним покриен со црно, м.з.), сор. (два псевдоними покриени со црно, м.з.), опер. врска (име или псевдоним покриен со црно, м.з.). Со цел да се проверат и расветлат наведените податоци, се преземаат следните мерки: Ќе се проучат лица од неговата средина со цел да се ангажираат за увид врз неговата активност, на работното место и надвор од тоа; на тој начин како прв чекор направен е обид да се ангажира лицето (покриено со црно, м.з.), поранешна негова интимна пријателка, а ќе биде направен обид да се ангажира лицето (име покриено со црно, м.з.) вработен во МНТ; ќе бидат применети и мерките „Радика“ и „Полог“ со цел установување на неговите врски со лица во земјата и странство; по потреба ќе се примени и мерката „Стационар“ во неговиот стан. По извршените детаљни проверки ќе биде изготвен посебен оперативен план.“ Следат три потписи сите покриени со црно: Инспектор кој предлага, Началник на УСДБ-Скопје кој се согласува и Началник на III сектор кој одобрува.

На 14.01.1977 година следуваат предлози за контрола на телефонските разговори (евид. број 116) и на поштата (евид. број 117) поднесени од истите тројца функционери и проследени од Републички потсекретар на СДБ за решение до Републичкиот секретар (веројатно за внатрешни работи, м.з.). Сите имиња се покриени со црно. Новина во образложенијата на овие предлози е тоа што се наведени псевдонимите на авторите чии дела сум се залагал да се стават на репертоар, „Поет“ и „Дентист“. Значи, уште двајца ПОО!

Образложенијата со кои Републичкиот секретар (за внатрешни работи, м.з.) на 18.02.1977 година со решенија ги определува мерките контрола на преписката и другите поштенски пратки и контрола на телефонските разговори гласат:

Од податоците и образложението во предлогот одобрен од републичкиот потсекретар на СДБ се констатира дека постои основ на сомневање за АКТИВНА И ОРГАНИЗИРАНА НЕПРИЈАТЕЛСКА ДЕЈНОСТ НА ЛИЦЕТО ВЛАДИМИР МИЛЧИН НАСОЧЕНА КОН ПОТКОПУВАЊЕ И УРИВАЊЕ НА ПОРЕДОКОТ УТВРДЕН СО УСТАВОТ.“

Колку сум бил јак и опасен, еден човек – цела организација!

Значи, понеделничкото тврдење на Томе Аџиев, претседателот на Комисијата за верификација на фактите со изминат мандат, дека документот на МВР од 1983 година во кој стои дека Владимир Милчин немал врски со органите за внатрешни е само „почетен акт“ е ГРУБА ЛАГА! На Владимир Милчин, Службата за државна безбедност и Министерството за внатрешни работи уште во есента 1976/зимата 1977 година му ја скроиле капата.

На актот за кој Аџиев тврди дека бил „почетен акт“ му претходат ДЕВЕТ АКТИ, потпишани и одобрени од сите степени на хиерархиската скала во СДБ/МВР во 1976, 1977, 1978 и 1979 година. Со тие ДЕВЕТ АКТИ се предлагаат, одобруваат и спроведуваат оперативните мерки против Владимир Милчин, заведен во ПОО под бр.6472/76.

За актите од 1978 до 1987 година ќе пишувам во следното продолжение на овој непланиран фељтон.

Владимир Милчин

Последно освежено на Понеделник, 15 Август 2011 14:51