Насловна

ПРОТИВ МОЛЧЕЊЕТО

Е-пошта Печати PDF
Чекор по чекор, од Македонија направија плодна почва за преродба на фашизмот. Забранија јавно да се критикува власта. На видело извадија параполициски формации. Поттикнаа ксенофобија, расизам и нетрпеливост кон маргинализираните. Развија култ на генетски чисто етничко потекло. Ги прогласија жените за машини за раѓање. Трујат со конспиративни теории. Дежурни виновници се клетите Грци, курвата Европа, неправедниот Запад, „комуњарите“, „влашкото лоби“, а сега и Фуере. Државната пропаганда стана инструмент за контрола на масите. Ги анатемисаа индивидуалноста и критичкото мислење. Сеат семе за нови делби и конфликти. Ја завиткаа земјата во страв.

Македонија страда од избезумениот вожд кој се прогласи за „последна надеж на Македонија“. Македонија страда од „фамилијата“ и од вмровската камарила кои ја потхрануваат мегаломанијата на вождот и фрустрациите на народот за да можат да грабаат. Грабаат и префрлаат во странство. Но, Македонија најмногу страда од оние кои молчат и статираат во немиот филм „Преродба“. Ѓоамити „граѓани“, дремат по кафулињата и молчат. И гледаат како „преродбата“ се претвора во „разградба“. Фашистите се околу нас, каде се антифашистите?

Молчат бизнисмените. Молчат за новите национализации. Молчат за зделката со кинеските автобуси на два ката. Молчат за грабежот во „Сведмилк“. Молчат за хеликоптерите. Молчат за струјата. Молчат за тендерите. Молчат и залудно се надеваат дека рекетарските тројки нема да им тропнат на врата. А тропаат секојдневно. Рекетираат, глобат и конфискуваат.

Молчат интелектуалците. Молчат професори, лекари, писатели, новинари, архитекти, уметници, команданти и владици. Молчат како риби. И се надеваат на тендери. Имале кариери и семејства. Кооперанти, колаборанти, квислинзи. Наместо да вреснат - мрморат. Мрморат кога ја критикуваат, грмат кога ја фалат власта на груевистите.

Кога група грчки силеџии се обиде да ја оневозможи промоцијата на грчко-македонскиот речник, тие беа едногласно и јавно етикетирани како фашисти, неонацисти и вандали. Политичарите, интелектуалците и новинарите се натпреваруваа во барањата силеџиите да се пронајдат и казнат. Нашата „последна надеж“  оцени дека станувало збор за голем проблем за грчката демократија. Кога група македонски силеџии ја оневозможија трибината на „гемиџиите“ во Струга, немаше едногласна осуда дека попречувачите се фашисти, неонацисти и вандали. Никој јавно не праша кај била полицијата да го спречи насилството. А кога „спонтано“ разулавената толпа го разби мирниот протест на скопскиот плоштад, оценките дека станува збор за фашистички чин беа критикувани како политички некоректни, неумесни и претерани.

„Соросоиди“, „предавници“, „платеници“, „педери“, тоа им годи на ушите на сеирџиите, но „фашисти“ - тоа е недозволиво! Ги фрла во депресија тепачите и им го загорчува кафето на молчаливите.  

Очигледно, двојните стандарди станаа легитимни кај нас. Она што во Грција го препознаваме како фашизам, кај нас го славиме како патриотизам. Македонија стана силеџиска држава. Државните институции застанаа во одбрана на силеџиите. Народниот правобранител е слеп при очи, а Собранието ги потури со пепел заклучоците на сопствената комисија за човекови права. МВР отиде најдалеку. Да не беше застрашувачки трагично, ќе се изнасмеевме на пријавата против организаторите на протестот кои биле виновни зашто со „карање, викање и непристојно однесување“ го нарушиле јавниот ред и мир. На крајот ќе излезе дека силеџиите ги тепале протестантите во името на јавниот ред и мир!             

Сите кои јавно се заложија за компромис во спорот за името на државата, вклучително и ние „гемиџиите“, сите тие беа прогласени од груевистите за предавници и платеници. Но, види чудо, не помина многу време и груевистичкиот претседател на државата се заложи за „разумен компромис“, но мегафоните на режимот не го прогласија за предавник. Кротко ја прифатија задоцнетата мудрост на Иванов. Се престроија согласно директивата потпишана од генсекот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека треба да го подготват народот за неизбежното. Откако со месеци го лажеа народот чувајќи ја невиноста на вождот!

Колку ќе н¢ чини преродбата, „проширена и надградена“? Ќе се најде ли јунак да ја пресмета финансиската и политичката штета? Финансискиот, политичкиот и моралниот банкрот на Македонија? Кој ќе ја дефинира одговорноста на учесниците и соучесниците во грабежот камуфлиран како патриотизам? Првиот „преродбенички“ извртувач на вистината, а подоцна и вицепремиер за европски прашања, си поднесе оставка и исчезна. Избега од одговорноста за довчерашните лаги и за дебаклот и банкротот кои нема да н¢ одминат на есен. Колкав ли ќе биде списокот на бегалци од „преродбеничкиот“ брод?

Ќе остане ли некој да го оркестрира хорското пеење за мудроста на вождот кому никој не му е рамен, освен Господ и Александар, кога ќе потоне нашиот Титаник и ние со него?  

Скопје, 8 јули 2009
Последно освежено на Вторник, 01 Септември 2009 11:27